Што е СОКОМ-МАП?

СОКОМ-МАП е организација за колективно управување на авторските музички права, во согласност со ЗАПСП, Статутот и Дозволата на Министерството за култура на Република Македонија. Во СОКОМ-МАП членуваат повеќе од 100 видни автори, а основач на СОКОМ-МАП е Сојузот на композиторите на Македонија - СОКОМ.

СОКОМ-МАП, согласно ЗАПСП и Статутот на здружението работи со непрофитна цел,  врз принципите на рационалност и транспаретност и со почитување на правата за конкуренција, а своите права и обврски и одговорности ги извршува во согласност со Уставот на Р.Македонија и законите. Здружението ги има следните органи:
     -Собрание
     -Управен одбор
     -Надзорен орган

Kолективното управување со правата на носителите на права опфаќа правни работи со корисниците на правата, прибирање на надоместоци од користењето, нивна распределба и заштита на правата пред државни органи и други субјекти.

Колективното управување на правата на домашните автори кои се користат во странство, Здружението ги врши врз основа на посебни договори кои ги склучува со соодветни странски организации.

Здружението колективно ги управува на територијата на Р.Македонија и правата на странските автори и носители на права, ако нивните дела уживаат заштита според ЗАПСП и врз основа на меѓународните конвенции и други договори склучени меѓу Р.Македонија и други земји, како и врз основа на реципрочни договори склучени меѓу Здружението и соодветни странски  здруженија.